65-годишен јубилеј на ЈУ Завод за социјални дејности
Почитуван Министер, почитувани соработници, почитувани колеги
Јавната установа Завод за социјални дејности-Скопје со гордост Ви соопштува дека одбележува 65 годишен јубилеј од своето основање.
Овој јубилеј за нас вработените во Заводот е значаен бидејќи го потврдува 65 годишното постоење, делување и несебичен придонес во унапредувањето на системот на социјалната заштита согласно своите расположливи ресурси и стручни компетенции.
Изминатиот период сведочи за нашата континуирана стручна работа, учество во развојот и одржувањето на социјалните услуги, континуирана професионална едукација на стручните работници, лиценцирање и стручна поддршка. Секако дека нашето постоење и успешно делување е резултат и на поддршката од надлежното Министерство, нашите соработници, партнери, поддржувачи, разни домашни и меѓународни организации.
Јубилејот го одбележуваме работно, достоинствено и скромно со упатување благодарност до нашите клучни партнери, соработници и поддржувачи за заедничката соработка. Секако не ги забораваме и професионалците кои се и кои биле дел од системот на социјалната заштита, кои со своето стручно и професионално делување социјалната работа ја претвораат во хумана мисија.
Заводот за социјални дејности како стручна институција со својот севкупен потенцијал и искуство ќе продолжи да ги преточува стратешките цели во пракса, да ги спроведува реформите, да ги развива и унапредува социјалните услуги, да ги јакне компетенциите на вработените во системот на социјалната заштита.
Изразуваме благодарност за безрезервната поддршка и заеднички продолжуваме во градење на современ, похуман и поефикасен систем за социјална заштита со цел поддршка и квалитетни социјални услуги за ранливите категории.
Со почит и благодарност,
ЈУ Завод за социјални дејности-Скопје