ЗАВОД ЗА СОЦИЈАЛНИ ДЕЈНОСТИ СКОПЈЕ
Установата е основана со Одлука на Извршниот совет на СРМ со Решение бр. 09-1751 од 30.09.1961 година како Републички завод за социјални прашања – Скопје усогласен со О.бр.23-858/1 од 13.04.1998 год. на Влада на РМ Сл.Весник на РМ 19/98 ) како Републички Завод за унапредување на социјалните дејности , и со решение бр 73/2000 од 31.03.2000 година од Основен Суд Скопје 1 Скопје продолжува да функционира како ЈУ Завод за социјални дејности – Скопје , заведен во регистарска влошка 1-267-0-0-0.
Согласно Одлуката за утврдување на мрежата на јавните установи за социјална заштита бр. 41-2743/1 донесена од Владата на Република Македонија на 1.05.2013 година (Службен весник на Република Македонија бр.67/13), Установата продолжува да работи како јавна установа за социјална заштита основана од Владата на Република Македонија со следниов назив ЈУ Завод за социјални дејности – Скопје.
ВИЗИЈА
Заводот е современа, динамична и флексибилна институција со функционален тим, препознаен квалитет, капацитет и професионален пристап, која се грижи за кариерниот и професионален развој на своите вработени, обезбедува стимулативни услови за работа и примена на меѓународно прифатени стандарди.
МИСИЈА
Заводот има мисија за обезбедување развој на компетенции и квалификации, сертифицирање,поддршка и насочување како и лична професионална промоција на давателите на социјални услуги. Заводот обезбедува актуелни информации и податоци за состојбите во областа на социјалната заштита како основа за планирање, развивање и унапредување на квалитетот на услугите кон граѓаните.
НАМЕРА
Квалитетни услуги кон граѓаните обезбедени во современ систем на социјална заштита кои превенираат ранливост и исклученост и овозможуваат способност за справување со социјалните ризици и функционално живеење.
ДЕЛОКРУГ НА РАБОТА
Заводот за социјални дејности е јавна установа за унапредување на социјалната дејност, со надлежност на територија на целата држава, која согласно Законот за социјалната заштита, ги врши следниве работи:
– Следи, истражува и анализира социјални појави и проблеми;
– Предлага мерки за унапредување на дејноста социјална заштита;
– Спроведува лиценцирање на стручните работници во дејноста социјална заштита;
– Спроведува активности за професионален развој на стручните работници во установи за социјална заштита и други даватели на социјални услуги;
– Врши проценка на потреби од континуирана професионална едукација на стручните лица во установите за социјална заштита и кај други даватели на социјални услуги и носи програма за континуирана професионална едукација по претходно мислење од Комисијата за одобрување програми за континуирана професионална едукација;
– Дава стручно мислење при изготвување на програми и стратегии за развој на социјалната заштита;
– Подготвува стандарди и процедури за работа на стручните лица во установите за социјална заштита и другите овластени даватели на социјални услуги;
– Води електронски регистар на одобрени програми за професионална едукација
– Донесува Етички кодекс за стручните работници во дејноста социјална заштита;
– Врши надзор над стручната работа на установите за социјална заштита и другите овластени даватели на социјални услуги;
– Спроведува супервизија во стручната работа во јавните установи за социјална заштита и на стручните лица во Агенцијата за вработување на Република Македонија–центри за вработување, а кои работат на водење на случај и соработуваат со стручните лица во центрите за социјална работа;
– Остварува стручна соработка со домашни и меѓународни експерти, релевантни институции и организации и
– Објавува стручни публикации во дејноста социјална заштита.
– Води регистар за лица осудени за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија.