Процеси на ресоцијализација и (ре)интеграција на децата сместени во ЈУ за згрижување на деца со воспитно социјални проблеми и со нарушено поведение
На 17 септември 2024 година, во големата сала во ДХО Даре Џамбаз во Скопје се одржа стручна расправа и јавна дисеминација на добиените податоци, заклучоци и предлози од спроведеното истражување „ Процесите на ресоцијализација и (ре)интеграција на децата сместени во ЈУ за згрижување на деца со воспитно социјални проблеми и со нарушено поведение“.
ЈУ Завод за социјални дејности-Скопје во соработка со Факултетот за безбедност – Скопје и со поддршка на Министерството за социјална политика, демографија и млади, во 2023 година, го реализираше овој истражувачки проект . Истражувањето се фокусираше на анализирање на актуелната состојба, идентификување на предизвиците, предлози за подобрување на услугите и поддршката на децата во сите сфери на нивното живеење. Истражувачкиот тим (проф. Стефановска Весна, проф. Оливер Бачановиќ, проф. Драгана Батиќ и проф. Наташа Пеовска) подготви Истражувачки извештај, а во соработка со советничките од ЈУ Завод за социјални дејности – Скопје (Невена Петровска, Соња Кипровска, Тања Ц.Данева, Снежана П.Мишевска и Оливера Станковиќ) и советничката од Министерството за социјална политика, демографија и млади, Валдета Вукељ. Целта на истражувањето беше анализирање на состојбата и препораки за подобрување на квалитетот на животот на децата кои ја користат услугата на вонсемејна грижа, односно децата кои се сместени во организациони единици при установата ЈУ за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение-Скопје. Резултатите од ова истражување ќе помогнат да се донесат одлуки засновани на докази и да се спроведат конкретни мерки за унапредување на системот на социјална заштита.
На стручната расправа се обратија државниот секретар на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу, директорот на ЈУ Завод за социјални дејности – Скопје, Стојан Станиславски и Проф д-р Јонче Ивановски, декан на Факултетот за безбедност – Скопје.
Во своето обраќање пред присутните, Станиславски истакна дека наша заедничка цел и приоритет е најдобриот интерес на децата во ризик и создавање на подобри можност за развој и напредок, со фокус на индивидуалните потреби на секое дете. Тоа ќе се постигне со подобрување на квалитетот на услугите и интегрирање на децата во поддржувачки средини слични на семејството како што се организационите единици при установата.
На крај директорот на ЈУ Завод за социјални дејности – Скопје, потенцираше дека овие деца заслужуваат грижа и внимание од државата и професионалците кои преку добро организиран процес на ресоцијализација ќе го достигнат својот полн потенцијал.
Иввештај/Анализа можете да ја превземете овде