JУ Завод за социјални дејности – Скопје оствари соработка со организацијата за експертиза за вработување, труд и социјална заштита на Европската унија (SOCIEUX+), за спроведување на активноста: „Унапредување на квалитетот на услугите во центрите за дневен престој за лица со попреченост во Северна Македонија “.
Видот и обемот на активноста се определени во согласност со законските надлежности на Заводот, Програмата за работа на ЈУ Завод за социјални дејности-Скопје за 2023-та година, како и во корелација со политиките определени во релевантни национални стратешки документи и последните анализи изготвени од нашата институција и други организации со кои беа опфатени и центрите за дневен престој за лица со попреченост. Крајната цел на активноста е детектирање на позитивни практики, потреби и можности за унапредување на квалитетот на услугите во центрите за дневен престој, унифицирање на услугата преку подобрени стандарди и процедури за работа врз основа на што ќе може да се креираат и применуваат алатки за следење, мониторирање и евалуација на работата на центрите.
Работниот план опфаќа 3 активности:
- Анализа на моменталната состојба на центрите за дневен престој за лица со попреченост;
- Унапредување на стандардите и процедурите за испорака на услугата дневен престој за лица со попреченост;
- Разработување на рамка за мониторинг и евалуација на социјалната услуга дневен престој за лица со попреченост обезбедена во центрите за дневен престој (организациони единици на центрите за социјална работа и лиценцирани даватели на услугата);
За реализација на првите две активности од страна на SOCIEUX+ се регрутирани експертките Carmen Rotaru (National Authority for the Protection of the Rights of Persons with Disabilities, Ministry of Labor and Social Solidarity, Romania) и Maria João Almeida (Ministry of Labour, Solidarity and Social Security, Portugal) со релевантно искуство и експертиза во областа.
Во периодот од 19.09. до 29.09.2023 година се спроведе теренската фаза од првата активност, во чија рамка се реализираа работни средби со претставници од надлежни институции и посети на центрите за дневен престој при ЈУ МЦСР на град Скопје, ЈУ МЦСР Велес, Свети Николе, Штип, Тетово, Гостивар и центри за дневен престој раководени од страна на лиценцираните даватели на оваа услуга, Македонско Монтесори Здружение- Скопје и Здружение на родители на деца со аутизам Блуе Пуззле- Гостивар и работилница со претставници од центрите за дневен престој на која се презентираа позитивни пракси од ЕУ земјите со акцент на Романија и Португалија, како и осврт на националниот контекст кој беше предмет на анализата. Крајниот резултат од првата активност е Извештајот за моменталната состојба на центрите за дневен престој за лица со попреченост во Северна Македонија, кој ќе послужи како основа за спроведување на втората активност со почеток од 20.11.2023 година.