Република Македонија се грижи за своето население преку создавање на социјални и економски услови кои обезбедуваат оптимален квалитет во  задоволувањето на основните, но и специфичните потреби на лицата во социјален ризик. За таа цел законодавството  уредува одредени облици на заштита и на унапредување на семејните односи и релации, со посебно нагласување на заштита на мајчинството, малолетните лица, децата без родители и родителската грижа и заштита од семејното насилство.

Во своето делување со законски утврдените ингиренции, преку примена на стручна интердисциплинарна тимска работа центрите за социјална работа имаат важна улога во превенција и заштита на личноста, правата и интересите на секој граѓанин. Во РМ функционират триесет ЦСР (центри за социјална работа) територијално организирани со точно определена меснонадлежност.

Општиот постулат е дека односите во семејството треба да се засновани на принципите на рамноправност, меѓусебно почитување, помагање, издржување и подршка во сите животни фази и циклуси, низ кои минува семејството. Во услови кога има нарушување на интегритетот на член од семејството, дисбаланс во семејните релации или дисфункционалност од поголем обем, центарот за социјална работа има улога на орган за старателство, посебно кога станува збор за заштита на децата од различни форми на занемарување и злоупотреба од страна на родителите.

Политика на Министерството за труд и социјална политика и на Заводот за социјалните дејности е промовирање на поинтензивна примена на мерките од областа на надзорот над родителското право, кои според тежината може да се класифицираат како превентивни т.е. корективни и репресивни мерки.

Превентивните, односно корективните мерки имаат за цел да спречат можна злоупотреба на родителското право, таму каде што стручните работници имаат лоцирано состојби, кои можат да се констатираат како пропусти,  слабости и занемарување на своите деца, така што со примена на некоја од овие мерки со кои се задолжуваат родителите, може да се влијае на подигање на нивните родителски вештини и капацитети,   и со тоа превенција од нивно прогресирање во подлабока родителска негрижа која може да предизвика лоши последици по целокупниот психо-физички развој на децата. Овие мерки можат и треба почесто да се применуваат за сите деца кај кои се детектирани следните ризици: деца на улица, деца чии родители се во псотапка на развод на брак или се веќе разведени, деца кои се директни или индиректни сведоци на семејно насилство, и воопшто – секогаш кога децата се изложени на одредени ризици, поради живеење во семејства каде што се констатирани нарушени брачни и семејни односи и кога тие се индиректно изложени на различни ризици по нивниот општ психо-физички, интелектуален и емоционален развој.

Репресивните мерки се применуваат во случај на тешки злоупотреби на децата, кои придонесуваат грубо кршење на најдобрите интереси на децата, како и нарушување на нивните основни права на живот и егзистенција. Со овие мерки, Центарот за социјална работа, како орган за старателство може да му предложи на судот одземање на едно или на сите деца на злоупотребувачкиот родител.

Надзорот над вршењето на родителското право е особено корисен како инструмент за погигање на родителските капацитети во реализација на советувалишната работа на ЦСР.

Заводот за социјални дејности останува да биде достапен на ЦСР за да помогне во нивното практично работење воопшто, а особено во имплементирањето на советувалишната работа во поголем обем, со цел да се унапреди квалитетот на стручната работа во ЦСР и превенирање од продлабочување на веќе детектираните ризици и проблеми кај корисниците на социјалните услуги.

http://vecer.mk/makedonija/tie-gi-zloupotrebuvaa-drzhavata-im-gi-odzede-decata