По повод на меѓународниот ден на волонтерите, на ден 05 декември 2019 година во просториите на ЈУ Завод за социјални дејности-Скопје се одржа средба помеѓу претставници на Заводот,  Нејзината Ексцеленција Ѓ-ѓа Кејт М. Брнз, амбасадорка на САД во Република Северна Македонија, Директорот на Мировниот Корпус во Република Северна Македонија, Г-дин Марк Ханафин, претставници од Мировниот Корпус и Министерството за труд и социјална политика.  

На средбата беа презентирани активностите и постигнатите резултати од успешната соработка помеѓу Заводот за социјални дејности-Скопје и Мировниот Корпус во Република Северна Македонија која се официјализираше на 19.12.2018 година, со потпишување на Меморандум за разбирање, кој е во времетраење од една година, односно до декември 2019 година.

Во рамките на соработката, за волонтерката Каtherine Guiney-Olsen беше определен одговорен стручен работник (counterpart) со кој поблиску  соработуваше, комуницираше  и реализираше активности, кои се однесуваа на развивање на различни форми на едукации на стручните лица во дневните центри за лица со попреченост, унапредување на стручната документација преку изготвување на различни техники за функционална проценка на корисниците, стручна поддршка во процесот на реорганизација и трансформација на функционирањето и организацијата на работа на дневните центри, посети на дневните центри и малите групни домови за лица со попреченост, изготвување на прирачник за работа со родители, како и координирање на активностите на останатите волонтери во дневните центри низ Републиката.

Во текот на средбата, Амбасадорката и останатите присутни имаа можност да  се запознаат со позитивните практики и придобивки од соработката со волонтерката на Мировниот Корпус, преку проследување на презентација,  увид во изготвените стручни материјали и дискусија.