Согласно тековните процеси на трансформација и  деинституционализација на установите за сместување на деца и лица со попреченост се развива мрежата на вонинституционалните форми на заштита. Една од нив, претставуваат 25-те дневни центри за лица со попреченост во Р Македонија, од кои 22 за деца од интелектуална и телесна попреченост, 1 за деца со аутизам, 1 за деца со церебрална парализа и 1 за деца со оштетен вид на предшколска возраст, со вкупно опфатени 400 корисници.

Дневните центри им обезбедуваат дневно згрижување, работно-производна активност, работна терапија и други активности на овие лица заради вклучување во секојдневниот живот и може да се врши работно оспособување, согласно Законот за социјална заштита (чл.146). Функционираат како организациони единици на центрите за социјална работа.

Дневните центри обезбедуваат поддршка како на децата со пречки така и на нивните родители. На децата им се обезбедува дневно згрижување и престој, нега, исхрана, психосоцијална рехабилитација и реедукација, стимулирање на развојот на индивидуалните способности, културно хигиенски и работни навики и социјализација преку активности ориентирани кон заедницата.

Поддршката на семејствата се обезбедува со превземање на грижата за детето во одреден период, стручно-консултативна, односно советодавна работа за одредени прашања поврзани со попреченоста, однесувањето или потребите на нивните деца.

Организацијата на работата во Дневните центри се темели на Упатството и Програмата за работа изготвени од ЈУ Завод за социјални дејности и истите се ревидирани во октомври 2014 година. Програмата за работа има функционално-развоен карактер, односно се почитува моменталното ниво на функционирање на корисниците и се планираат активности во насока на стимулирање на нивниот развој.

За реализација на активностите во Дневниот центар задолжени се стручни лица: дефектолози, логопеди, психолози, педагози, социјални работници и физиотерапевти и помошен кадар: негователи, медицински сестри и хигиеничари.

Дневните центри ги посетуваат деца со умерени и тешки пречки во менталниот и телесниот развој , кои се на возраст од 5 до 18, односно 26 години коишто живеат во своите биолошки семејства или се сместени во згрижувачки семејства.

Овие центри се димензионирани да згрижат најмногу од 20 до 25 деца, а со овој капацитет се цели да се обезбеди квалитетна грижа, можност за индивидуален  пристап и третман, групна работа, креирање на пријателски односи помеѓу децата и создавање на атмосфера слична на семејната.

Дневните центри се  лоцирани во урбани средини што овозможува лесна соработка со сите други институции на локално ниво (детски градинки, училишта, здравствени установи и др.) и интеграција на корисниците во локалната заедница.

 

    Преглед на Дневни центри за лица со попреченост во РМ

 

Р.бр Дневни центри Отворени  

Простории сместени во:

 

1. Крива Паланка 1994 Објект сопственост на ЦСР
2. Велес 2002 Биро за вработување
3. Прилеп 2002 Медицински центар
4. Македонски Брод(Манастирец) 2002 Реновирано рурално училиште
5. Делчево 2002 Детска градинка
6. Тетово 2002 Детска градинка
7. Битола 2003 ЈУ Дом за доенчиња
8. Железара-Скопје 2004 Детска градинка
9. Гевгелија 2004 Детска градинка
10. Пробиштип 2005 Детска Градинка
11. Куманово 2005 Детска градинка
12. Кавадарци 2005 Детска градинка
13. Штип 2005 Детска градинка
14. Кичево 2005 Детска градинка
15. Церебрална парализа-Скопје 2005 Самостоен објект
16. Гостивар 2006 Биро за вработување
17. Берово 2006 Општина Берово
18. Ресен 2007 Детска градинка
19. Виница 2007 Детска градинка
20. Крушево 2008 Детска Градинка
21. Свети Николе 2010 Детска градинка
22. Кратово 2014 Во рамки на основно училиште
23. Аутизам 2014 Топанско Поле
24. Струмица 2014 Касарна
25. За деца со оштетен вид на предшколска возраст-Скопје 2014 Самостоен објект во рамките на ДУРДМОВ„Димитар Влахов“

 

За повеќе информации обратете се во Заводот за социјални дејности

Контакт лица: Васка Стефановска и Ивана Двојакова