Семејното насилство е препознаен социјален проблем, кој носи бројни други социјални, економски и други општествени негативни импликации  и како таков, веќе 10 години е стратешка цел на Владата за спречување и поле на интензивна работа на стручните работници од Центрите за социјална во РМ.  Во септември 2014 година, беше направен значаен исчекот во тој поглед, со донесувањето на новиот Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, со што сите законски одредби кои се однесуваат на оваа проблематика беа споени во еден закон, наспроти претходната ситуација кога семејното насилство беше регулирано со Законот за социјална заштита и со Законот за семејство.

Согласно новиот Закон, семејното насилство се дефинира како: малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психолошко, физичко или економско насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, вклучувајќи и закани за такви дејствија, спрема брачен другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и спрема сегашен или поранешен брачен другар, вонбрачен партнер или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи, без оглед дали сторителот го дели или го делел истото живеалиште со жртвата или не.

Новините во Законот се однесуваат на следното:

1)  Во дефинирање на семејното насилство, беа воведени следните тернини:

  • Демнење – намерно повторено заканување кон жртвата, кое предизвикува истата да се плаши за својата безбедност.
  • Родово засновано насилство

2) Во доменот на превенцијата на семејното насилство, фокусот е ставен на два клучни момента:

2.1. Интегрирани политики на Владата

Законот предвидува изработување на  Национална стратегија за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, за период од пет години

2.2. Мултисекторски пристап, што подразбира:

  • Обезбедување стручна и советувалишна работа во Советувалишта за брак и семејство, ЦСР и др. институции
  • Јавни кампањи за превенција и препознавање на семејното насилство
  • Секое ресорно министерство за вработените организира обуки за сензибилизирање на вработените за родово засновано насилство.
  • Се изготвува безбедносен план за жртвата од страна на мултисекторски тим, со претставници од ЦСР, полиција и здравство.
  • Жртвата има право да си избере придружник во постапките за нејзина заштита од семејно насилство.

За разлика од претходната ситуација, каде што заштитата на жртвите беше во примарна надлежност и домен на постапување на ЦСР, со новиот Закон се дадени пошироки овластувања на припадниците на останатите ресорни институци, со цел да се унапреди заштитата на жртвите и да се обезбеди поквалитетна превенција на оваа негативна социјална и општествена појава.

 

Според добиените податоци од ПОПОЛНЕТИТЕ ТАБЕЛИ ЗА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО од сите ЦСР во Македонија, евидентирани се вкупно 999 нови жртви на семејно насилство, за кои се дадени следните основни статистички показатели:

 

Жртви на семејно насилство, според националност:

Македонци 771
Албанци 112
Роми 78
Други 38

 

Жртви на семејно насилство, според пол и возраст:

Полнолетни Машки пол 146
Женски пол 722
Малолетни Машки пол 70
Женски пол 61

 

Согласно  законската обврска, стручните работници од центрите за социјална работа се обврзани да ги внесат податоците за корисниците во електронската база на корисници на социјални услуги „ЛИРИКУС“ и истите редовно да ги ажурираат.

Во доменот на проблематиката семејно насилство, од реално прикажаните 999 нови жртви на семејно насилство, во базата ЛИРИКУС биле евидентирани 563 нови жртви, што како процент на внес изнесува 56,3% од вкупниот број на жртви на семејно насилство.

 Врз основа на овој репрезентативен примерок е направена обработка на клучните показатели од базата на „ЛИРИКУС“ за појавата семејно насилство за 2014 година, која вклучува податоци за жртвите и сторителите на семејно насилство.

 

Жртви на семејно насилство во 2014

 

На почетокот на годината (01/01/2014) активни биле 987 предмети, водени за жртви на семејно насилство.  Во текот на годината, регистрирани биле нови 563 жртви, а во пасива биле ставени 351 досиеја за жртви на семејно насилство. На крајот на 2014 година, (31/12/2014) активни биле 1200 досиеја за жртви на семејно насилство.

Во текот на 2014 година, во базата на ЛИРИКУС евидентирани се вкупно 2580 услуги дадени на жртвите на семејно насилство. Центрите за социјална работа, своите услуги кон жртвите на семејно насилство најмногу ги насочиле кон:

  • Стручна советодавна и/или советувалишна работа: 886
  • Обезбедување соодветна психо-социјална интервенција и третман: 422
  • Теренска работа (увид во домот): 316
  • Активности поврзани со третман на жртвите и примена на разни видови мерки на заштита: 235
  • Реализација на различни мерки на заштита на жртвите, при што истовремено има и постапувања по пријава на нарушени брачни и семејни односи, како и уредување на видувања на децата со родителот со кого не живеат: 238
  • Реализација на мерки на заштита во комбинација со активности поврзани со изрекување на ПМЗ, односно следење на изречените ПМЗ од судовите: 216
  • Други активности: 129

Сторители на семејно насилство  – прва половиона на 2014 година

На почетокот на годината (01/01/2014) активни биле 482 предмети, водени за сторители на семејно насилство.

Во текот на 2014  година биле регистрирани нови 289 сторители, а во пасива биле ставени 187 досиеја за сторители на семејно насилство. На крајот на 2014 година, (31.12.2014) активни биле 577  досиeјa за сторители на семејно насилство.

Во текот на 2014 година, евидентирани се 781 услуги спрема сторителите на семејно насилство или специфицирано  според видот и бројот на дадените услуги:

  • Стручна советодавна и/или советувалишна работа: 231
  • Обезбедување соодветна психо-социјална интервенција и третман:71
  • Теренска работа (увид во домот): 76
  • Активности преземени према сторителите, поврзани со третман на жртвите и примена на разни видови мерки на заштита: 99
  • Постапувања по пријава на нарушени брачни и семејни односи, како и уредување на видувања на децата со родителот со кого не живеат: 85
  • Предложени МЗ во комбинација со активности поврзани со изрекување на ПМЗ, односно следење на изречените ПМЗ од судовите: 39
  • Изречени МЗ од Судот: 116
  • други активности: 64

Поважни согледувања:

 Со споредба на квантитативните показатели од 2013 и 2014 година, а врз основа на внесот на податоците во базата на „ЛИРИКУС“, се забележува дека во текот на 2014 година се зголемил бројот на жртви и сторители на семејно насилство. Имено, во 2013 биле евиентирани 433 нови жртви, а во 2014 година- 563 жртви, што е зголемување за 30%. Сторители на семејно насилство во 2013 година имало 196, а во 2014 – 289, што е зголемување за 50%.

  • Во 2014 година, на територијата на РМ беа функционални 4 центри за жртви на семејно насилство, и тоа во: Скопје, Свети Николе, Битола и Кочани. Во сите нив, имало сместувања на вкупно 33 жртви на семејно насилство, кои според местото на живеење биле од различно место-потекло на живеење, врз основа на што се констатира дека засолништата функционирале како ресурс од републички карактер.
  • Според видот на семејно насилство, жртвите доживуваат најмногу: 1) емоционална злоупотреба, 2)  материјалното искористување, 3) работно искористување 4) сексуална и 5) физичка злоупотреба
  • Како и досега, семејното насилство продолжува да биде родово базиран проблем; Имено, 2/3 жртви на насилство се жените, додека 1/3 жртви се мажите. Кај сторителите на насилство, соодносот е обратно-пропорционален; Имено, 2/3 од сторителите се мажи, а 1/3 сторители се жени.
  • Во поглед на услугите, најголем број од пријавувањата во ЦСР се завршуваат со психо-социјална поддршка и давање правен совет за мерките за заштита, но потоа голем дел од жртвите не се согласуваат за покренување ПМЗ пред Суд;
  • Бројот на привремените мерки за заштита како предложени, така и изречени од судот не е задоволителен во споредба со бројот на жртвите на семејно насилство.

 

За повеќе податоци обратете се во Заводот за социјални дејности

Контакт лице: Душанка Петрова