Република Македонија како социјална држава е должна да се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно уставното начело за социјална праведност.

Новите реформи на Владата на Република Македонија, вклучувајки ги процесите на децентрализација, деинституционализација и плурализација имаат за цел да го подобрат и доближат пристапот на услугите до корисниците.

Државата предвидува посебна заштита за семејството и за децата, со посебен акцент на заштитата на децата без родители и родителска грижа.

Правата, услугите и заштитата на децата без родители и родителска грижа во РМ од социјален аспект е регулирана со Законот за социјална заштита и Законот за семејство и одредени подзаконски акти.

Согласно Законот за семејство дете без родители и родителска грижа е дете чии родители не се живи, кои се исчезнати, непознати или се со непознато живеалиште повеќе од една година и дете чии родители без оглед на причините, привремено или трајно не ги извршуваат своите родителски права и должности.

Во системот на социјалната заштита, заштитата на децата без родителска грижа се оствaрува низ повеќе форми: ставање под старателство, посвојување, сместување во згрижувачко семејство, сместување во институција.

Во однос на институционалната заштита, во Република Македонија постои мрежа на установи наменети за одреден вид корисници согласно нивната возраст, здравствена состојба и специфичните потреби и тоа за: деца и младинци без родители и родителска грижа, деца со воспитно-социјални проблеми и со нарушено поведение,деца, младинци и возрасни со пречки во интелектуалниот развој,  деца, младинци и возрасни со пречки во телесниот развој.

Податоците во анализата се добиени од електронската база ЛИРИКУС .

Во март 2015 година регистрирани се вкупно 1317 деца без родители и родителска грижа, што претставува зголемување на бројот на овие деца споредено со истиот квартал од 2014 год.

 Центрите за социјална работа секогаш треба да работат на намалување на овој број на деца, а тоа значи дека треба да се стави поголем акцент на превентивните програми кои ќе бидат во насока на јакнење на семејството. Исто така треба да се работи и на излегување на децата од системот на социјална заштита преку нивно интегрирање во биолошкото семејство или пак осамостојување за самостојно живеење.

 

За повеќе информации обратете се во Заводот за социјални дејности

Контакт лице: д-р Катица Кичукова Голубовска, педагог